Рекордна количина на врнежи е причина за огромните поплави во Австралија, на крајниот север на Квинсленд. Властите наведуваат дека ова е најлошата поплава некогаш забележана во Австралија, а на улиците дури е забележан и крокодил, пишува Би-Би-Си.
Екстремните временски услови предизвикани од тропски циклон фрлаат годишно количество дожд во некои австралиски области. Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат потонати авиони на аеродромот Кернс, крокодили среде градот и луѓе кои бегаат од своите домови со чамци.
Засега нема извештаи за загинати или исчезнати лица. Интензивни врнежи се очекуваат во следните 24 часа.
Стотици луѓе се спасени – многу куќи се поплавени, нема струја, патиштата се отсечени, а водата за пиење е при крај. Од почетокот на невремето во градот Кернс наврнаа повеќе од 2 метри дожд.
„Ова е најлошата природна катастрофа на која можам да се сетам. Разговарав со локалното население во Кернс кога бев на теренот и тие велат дека никогаш не виделе такво нешто“, изјави премиерот на Квинсленд, Стивен Мајлс за австралиската радиодифузна корпорација.
Мајлс вели дека приоритет во моментов е да се спасат граѓаните заробени во поплавата, како и оние во оддалечениот град Вујал Вујал, кој се наоѓа на 175 километри северно од Кернс.
Девет лица, меѓу кои и едно болно дете, ја поминаа ноќта на покривот на болницата, откако екипите на итната помош не можеа да дојдат до нив. Денеска беа преместени на друго место. Мајлс истакнува дека сега ќе треба да се евакуира целиот град.
„Загрижени сме за водата за пиење, канализацијата, струјата и телекомуникациите, патиштата. Многу патишта се блокирани и не можеме да добиеме воздушна поддршка“, вели градоначалникот Мајлс.
Синоптичарите соопштија дека обилните врнежи од дожд ќе продолжат и во понеделник и ќе се совпаднат со плимата и осеката, што претставува опасност за ниските заедници, јавува Би-Би-Си.
Иако се очекува утре да престане да врне, реките допрва треба да го достигнат врвот и со денови ќе бидат надојдени. Се очекува неколку реки да ги соборат рекордите поставени за време на големите поплави во 1977 година. Реката Дејнтри веќе го надмина претходниот рекорд за 2 метри.
Владините претставници проценуваат дека штетите од катастрофата ќе надминат 1 милијарда австралиски долари или 670.000 американски долари.
Источна Австралија е зафатена од чести поплави во последните години, а тука е и Ел Нино, кој обично се поврзува со екстремни настани како што се циклони и пожари.
Последниот извештај од Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (IPCC) предупредува дека иднината на Австралија ќе биде преплавена со катастрофи кои постојано се влошуваат доколку не се преземат итни мерки за запирање на климатските промени.