Опозициската коалиција „Србија против насилството“ не ги признава резултатите на вчерашните избори, кои се однесуваат на Градот Белград.
Лидерите на „Србија против насилството“ Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ, тврдат дека имаат докази за бројни изборни нерегуларности, кои вклучуваат поткуп, уцени и закани, но и фантомски гласачи донесени во Белград од други држави.
Опозицијата обвинува дека околу 40.000 лица од соседните држави Босна и Херцеговина и Црна Гора, биле носени со автобуси до Белград им биле давани лични карти и потоа биле упатувани кон гласачките места.
Тие исто така тврдат дека за градоначалник на Белград гласал дури и еден министер во влада на соседна држава на Србија.
Збриното место на автобусите била салата Белградска арена, каде „фантомите“ се симнувале и потоа со автомобили и комбиња се носеле до местата каде требало да гласаат.
Ваквите обвинувања, многу потсетуваат на локалните избори во 2013 година во скопската општина центар.
Тогаш, владејачката партија во тој период ВМРО-ДПМНЕ преку МВР обезбеди лични карти за речиси 1.000 етнички Македонци кои живеат во Пустец, Република Албанија, со цел тие да гласаат на локалните избори и со тоа да се влијае на изборните резултати.
Фантомските гласачи од Пустец гласаа на неколку избирачки места, на кои пристигаа со придружба од партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги загуби изборите и по три круга гласање, градоначалник на општина центар стана Андреј Жерновски.
Опозицијата во Белград се уште протестира, а Тепиќ и Алексиќ почнаа штрајк со глад, заканувајќи дека ќе ја блокираат работата на Републичката изборна комисија, ако локалните избори за Белград не бидат поништени.
Листата на актуелниот претседател Александар Вучиќ, вчера забележа голема победа на парламентарните избори, а истата листа победи убедливо и во Белград.