Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска при посетата на Гевгелија ја посетија и винаријата Јостела, меѓу првите мали семејни винарии во државата, која постои уште од 2005 година.
Таа е сместена на убаво место кон ски центарот Кожуф, а до неа се и фамилијарните лозови насади. Сопственик на малата семејна винарија Јостела е Венера Гелебешева Крстиќ, која по професија е енолог, таа целиот свој живот го посветила на лозарството и овоштарството кое за неа е животна пасија, љубов и начин на живеење. Малата винарија Јостела е препознатлива пред се по црвените вина и по розе од кабарне франк, кое е најпознато и најпродавано вино.
-Како Влада и Министерство даваме силна поддршка за развој на малите семејни винарии со грантови од 10.000 евра. Секторите лозарство и винарство, за нас, се едни од најзначајните сектори. Нашата посветеност во развојот на овие два важни сектори, овие изминати седум години, сме ја докажале преку креирање на конкретни мерки и политики за поддршка и развој на лозарството и винската индустрија, но и преку вложувањето, во силна меѓународна промоција на нашето македонско вино, изјави Николовски.