Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски денеска изјави дека следните чекори во врска со реализација на автопатот Кичево – Охрид ќе зависат од експертскиот извештај кој го очекува неделава. Според него, сѐ уште не може да се зборува за раскинување на договорот со „Синохидр“.
„Извештајот е во изработка, очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од надзорниот орган и од страна на ФИДИХ експертите до Јавното претпријатие за државни патишта и до Министерството по што ќе побараме извештајот да биде разгледан и на седница на Влада. Сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата, ќе ја презентираме целата моментална состојба, но таа презентација и пред сѐ идните чекори треба да дојдат од експертите кои што ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој автопат да биде завршен“, изјави Бочварски одговарајќи на прашање на новинарите, по обиколка на изградбата на браната Отиња кај Штип.
Тој нагласи дека автопатот ќе биде завршен.
„Но, притоа треба да се запазат сите процедури на експертите кои што ќе ги предвидат и по оној план кој што ќе го дадат тие, по тој план ќе работи и јавното претпријатие и Владата“, рече Бочварски.
Запрашан колку ќе треба платиме доколку се раскине договорот со кинески „Синохидро“, Бочварски рече дека сѐ уште не може да се зборува за раскинување на договор, ниту за идните чекори, сѐ додека извештајот не биде разгледан и притоа не биде донесена одлука од страна на Владата.
Во врска со свлечиштата кои што се појавија на трасата на автопатот и кои што беа посочени како главен проблем, Бочварски рече дека на автопатот се работи таму каде што има фронт за работа.
„Тоа беше пораката од Владата, од мене и од ЈПДП до изведувачите – дека тие имаат обврска да работат на секоја позиција каде што е отворен фронт за работа. Онаму каде што се јавиле потешкотии, свлечишта, одредени состојби во проектната документација, техничките решенија, таму секако треба да се репроектира, да се дадат нови технички решенија и притоа да се даде налог за работа на изведувачите“, истакна Бочварски.