Хакерската група „Гоњешка Даранда“, која претходно се поврзуваше со Израел, објави дека извршила сајбер напад при што ги парализирала бензинските пумпи низ Иран, пишува „Тајмс оф Израел“.
Хакерската група објави на социјалната мрежа X дека сајбер нападот е одговор на „агресијата на Исламската Република и нејзините полномошници во регионот“ и му порача на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи дека „играњето со оган има цена“.
Иранската телевизија соопшти дека има неправилности во работењето на бензинските пумпи поради „софтверски проблеми“ и ги повика луѓето да не брзаат кон бензинските пумпи кои се уште работат.
Иранското Министерство за нафта, како што јави телевизијата, објави дека повеќе од 30 отсто од бензинските пумпи се уште работат. Иран има околу 33.000 бензински пумпи.
Хакерската група „Гоњешка Даранда“ и претходно има извршено сајбер напади врз ирански челични компании.