„Дајте ми власт па ќе видите што ќе направам“ – вака кратко може да се опише дејствувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неколку месеци пред претседателските и парламентарните избори што треба да се одржат следната пролет.
На синоќешното интервју за 360 степени, Мицкоски звучеше прилично уверливо дека неговата партија убедливо ќе победи на парламентарните избори и дека тој ќе биде идниот премиер.
Но, запрашан што тој и неговата партија ќе понудат, особено како решение за уставните измени што треба да донесат отворање на првите поглавја во преговорите со ЕУ, Мицкоски не дава конкретен одговор.
„Ние имаме свои принципи и тој став на тоа прашање ќе го кажаме на граѓаните во рамките на кампањата. Доколку ја добиеме довербата од граѓаните, а се темели на тој став, ние така и ќе функционираме. Ако мислите дека ќе правиме политика на осцилации – едно во опозиција, друго на власт – не. Јас верувам во ова што го правам, јас ова не го правам за политички опортунизам. Ќе видиме ВМРО-ДПМНЕ што ќе поддржува, како ќе поддржува, за што ќе се избори, која политика ќе ја води. “ рече Мицкоски.
Прашан дали тоа може би ќе значи нови 10 години надвор од ЕУ процесот, Мицкоски одговори дека можеби ќе бидат и сто години, а можеби членството во ЕУ никогаш и нема да се случи.
„Тоа може и сто години да биде и никогаш да не биде, а може да биде и за четири години. Видовме сега на последниот Европскиот совет дека ако се има политичка волја, многу работи можат да бидат поразлични“ дополни Мицкоски.
Од друга страна, за Мицкоски во синоќешното интервју воопшто не беше важно дали ВМРО-ДПМНЕ досега поддржало или не, некоја тешка одлука за иднината на државата.
Таквите тврдења на Мицкоски се во линија на ставот на американскиот помошник-државен секретар за Европа, Џејмс О’Брајан, кој во Скопје рече дека тој лично би размислил дали би гласал за некој што, во контекст на пристапните преговори на земјава со ЕУ и прашањето за уставните измени, вели – можам да дојдам до подобри услови и понуда, а притоа не кажува каква и дополнително – не кажува зошто тоа би било прифатливо и за другите.
До почетокот на кампањата остануваат некаде околу четири месеци, толку најверојатно ќе чекаат граѓаните, што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе понудат околу членството во ЕУ и уставните измени.
За четири месеци отсега, граѓаните најверојатно конечно ќе дознаат каква е понудата и дали би го „купиле автомобилот“ што ќе им го понуди Мицкоски.