Експериментална вакцина против меланом би можела да влезе во широка употреба во следните две години, што би можело да означи голем чекор во борбата против најсериозната форма на рак на кожата.
На повеќе од 325.000 луѓе им бил дијагностициран меланом во 2020 година, а 57.000 починале.
Сметаме дека во некои земји може да се појави вакцина до 2025 година“, изјави извршниот директор на „Модерна“ Стефан Бансел.
За разлика од конвенционалните вакцини, таканаречените терапевтски вакцини ја третираат болеста наместо да ја спречат, а тоа го прават со обука на имунолошкиот систем да го препознае „натрапникот“ и да се бори против него.
„Терапевтските вакцини денес претставуваат вистинска надеж во онкологијата, еден вид имунотерапија 2.0“, истакнува Бансел.
Напорите на „Модерна“ да ја стави вакцината во широка употреба наскоро беа засилени со резултатите од најновите клинички испитувања, во кои шансите за преживување се значително поголеми благодарение на вакцината, која ја користи истата информациско-РНК технологија како во случајот на вакцините против Ковид.
Во студијата во која беа опфатени 157 луѓе со напредна форма на меланом, вакцината „Модерна“ во комбинација со лекот за имунотерапија „кејтруда“ во период од три години го намали ризикот од смрт или повторување на ракот за 49 проценти.
Пациентите примале по еден милиграм mRNA вакцина на секои три недели за вкупно девет дози. Заедно со тоа на секои три недели добивале по 200 милиграми од лекот „кејтруда“ во период од една година. Нивните резултати потоа биле споредени со оние кои користеле само лек за имунотерапија.
Минатата година „Модерна“ ги објави резултатите по двегодишен период со намален ризик за 44 отсто.
„Разликата во преживувањето расте. Колку повеќе минува времето, толку е поголема разликата“, вели Бансел, истакнувајќи дека стапката на несакани ефекти не е зголемена.
„Дојдовме до точка дека еден од двајца преживува, споредено со резултатите од најдобриот производ моментално на пазарот. Во онкологијата ова е исклучителен резултат“, додаде извршниот директор на „Модерна“.