Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека влада ќе се формира дури откако Републичката изборна комисија (РИК) ќе се произнесе по приговорите, дали, каде и кога треба да се повторат изборите на некои избирачки места.
„Во Собранието ќе имаме голем број пратеници кои ќе гарантираат да не ни треба никој друг за формирање влада, многу повеќе од 125. Но партијата, во консултација со претседателот на државата Александар Вучиќ, ќе одлучи како понатаму ќе течат разговорите за формирање на владата“, рече Брнабиќ.
Таа оцени дека изборната листа „Србија не смее да застане“ постигнала „историски триумф“ и дека „се покажа колкава почит ужива Вучиќ од граѓаните“, пренесува Бета.
Според Брнабиќ, нејзината влада не престанува да работи и за време на техничкиот мандат.