И Стејт департментот ја повика Србија да соработува со ОБСЕ за изборните нерегуларности

И американскиот Стејт департмент се приклучи на повиците Србија да соработува со ОБСЕ и да одговори на обвинувањата за тврдењата околу изборни нерегуларности. Од Стејт департментот се повикуваат на извештаи дека изборите биле нарушени со бројни процедурални недостатоци, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси, што според нив создале неправедни услови. Препорачуваат српските власти да работат со ОБСЕ за да ги надминат сите прашања.

-Тврдењата за нерегуларности пријавени и од ОБСЕ и од другите тимови за набљудување на изборите треба да се истражат, а насилството насочено кон изборните органи, новинарите, акредитираните набљудувачи, за кои видовме извештаи, е неприфатливо. И така, ние ќе продолжиме да ѝ го ставаме тоа јасно на Србија и, како што реков, ќе ги повикаме да соработуваат со ОБСЕ за да се решат овие загрижености што беа покренати и соопшти Метју Милер, портпаролот на Стејт депарментот.

Во Белград граѓаните протестираат, а опозицијата бара поништување на изборите и повторно гласање на републичко ниво, но и во главниот град, каде тврдат дека им биле украдени 40 илјади гласови. Градоначалникот на Белград во оставка, Александар Шапиќ ја обвини опозицијата дека ја туркаат земјата во граѓанска војна.

-Бараме поништување на изборите во Белград, затоа што изборите се украдени. Затоа што Александар Вучиќ со Српската напредна партија организираше увоз на гласачи од други држави да одлучуваат за изборите во Белград. И ние тоа веќе редовно го кажуваме, бидејќи не му се допаѓа како гласа народот тука, тој одлучи да го менува народот со тоа што ќе увезе странски државјани да гласаат, не само во Републиката, туку и во Белград каде не живеат, изјави Маринка Тепиќ од „Србија без насилство“.

Според сегашните резултати решавачки за тоа кој ќе биде на власт во Белград ќе биде партијата на контроверзниот српски доктор Банислав Несторовиќ. Тој најави дека нема намера да коалицира со било кого. Српскиот Претседател Вучиќ пак, истакна дека доколку не се обезбеди мнозинство во градското собрание, изборите во Белград ќе се повторат.

Треба да знаете
Последни објави