Фон дер Лајен: Договорот за Пактот за азил и миграција, доказ дека ЕУ наоѓа големи одговори на големите предизвици

Постигнатиот договор за ревидирање на правната рамка на ЕУ за азил и миграција претставува доказ дека Европа е силна заедница која е способна да најде големи одговори на големите предизвици, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во врска со политичкиот договор меѓу Советот на ЕУ и Европарламентот за реформа за Пактот за миграција и азил. – Го поздравувам навремениот политички договор постигнат од Парламентот и Советот за клучните елементи на Новиот пакт за миграција и азил. Нашата цел беше да се најде фер и прагматичен пристап за заедничко менаџирање со миграцијата во ЕУ. Тоа е клучен чекор за да се осигуриме дека Европа има алатки за справување со миграцијата, истакна Фон дер Лајен. Според Европската комисија, договорот постигнат денеска меѓу претставници на шпанското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент за основните политички елементи на петте клучни регулативи кои темелно ќе ја ревидираат правната рамка на ЕУ за азил и миграција, ја одразува посветеноста на Унијата за менаџирање со миграцијата на фер и регулиран начин, овозможувајќи премин од ад-хок кон долгорочни и одржливи решенија. Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез по постигнатиот договор истакна дека тој претставува голем чекор напред кон барањата на европските граѓани за справување на властите со миграцискиот предизвик.  – Оваа реформа е клучен дел од сложувалката. ЕУ останува посветена на справувањето со основните причини за миграцијата, работејќи заедно со земјите на потекло и транзит и справување со злото на шверцот на мигранти, изјави Гомез, додавајќи дека со постигнатиот договор ЕУ го исполнува своето ветување за подобрување на системот за азил и миграција. Од друга страна, потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на европски начин на живот Маргаритис Схинас во објава на платформата Икс го оцени постигнатиот договор како „напредок“.

 – Патот за да се стигне до тука беше долг. Но, ние успеавме. Европа конечно испорачува во врска со миграцијата, наведе Схинас во објавата.

 Петте законски регулативи опфатени со договорот се однесуваат на сите фази на менаџирањето со азилот и миграцијата, почнувајќи од проверката на илегалните мигранти при нивното пристигнување во ЕУ, земањето биометриски податоци, процедурите за поднесување на барања за азил, начините на постапување по овие азилантски апликации, како и правилата се кои се одредува која земја членка на Унијата ќе биде одговорна да постапување по барањата.

 Според ЕК, со постигнатиот договор ќе се воведат единствени правила за идентификација на државјаните кои не се членки на ЕУ по нивното пристигнување, со што се зголемува безбедноста во Шенген зоната, ќе се изработи заедничка база на попрецизни и поцелосни податоци за откривање на неовластени движења на мигрантите и ќе се воспостават побрзи и поефикасни процедури за решавање по барањата за азил, за враќање на одбиените азиланти и за зајакната контрола на граници.

 Дополнително со договорот се регулира и соработка и солидарноста меѓу земјите членки во однос на прифаќањето на азилантите, како и начините на постапување во кризни ситуации, вклучително и при случаи на инструментализација на мигрантите.

 Според Советот на ЕУ, новите правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки со тоа што ќе овозможат да се олесни товарот на државите во кои пристигнуваат поголемиот број мигранти.

 – Откако овие предлози ќе бидат формално усвоени од Европскиот парламент и Советот, ќе бидат воспоставени столбовите на Новиот пакт за миграција и азил, посочи Европската комисија, изразувајќи надеж дека целата постапка ќе заврши во текот на актуелниот мандат на институциите на ЕУ.

 Постигнатиот договор за реформа на системот за азил и миграција на ЕУ, на која се работи уште од 2015 година кога во Унијата пристигнаа рекорден број мигранти и баратели на азил, претставува компромис меѓу барањата на десничарските популистички власти за заострување на постоечките правила и изразените грижи на левицата и хуманитарните организации околу можното непочитување на човековите права.

Треба да знаете
Последни објави