Повеќе од 8. 000 Палестинци се во израелски затвори, соопшти палестинската организација за човекови права „Адамир“, која се бори за правата на палестинските затвореници.
Според Адамир, меѓу затворениците има стотици луѓе од Појасот Газа, меѓу кои и 123 жени, иако е можно нивниот вкупен број да биде многу поголем.
Клубот на палестинските затвореници, група која води евиденција за затворениците на Западниот Брег и Источен Ерусалим, на почетокот на месецов соопшти дека во израелските затвори има околу 7.800 палестински затвореници, најмногу во последните 14 години.
Според активистите, бројот на оние кои се задржани во административен притвор, на неопределено време и без обвиненија, е на историски високо ниво, пишува Гардијан.
Во оваа категорија спаѓаат 80 отсто од оние кои се во затвор од 7 октомври, изјави адвокатот кој работи со Адамир Тала Насир.
Темпото на израелските апсења на Палестинци – кое веќе беше силно во последните две години – се забрза по нападите на Хамас на 7 октомври.
Многу набљудувачи велат дека израелската систематска употреба на административен притвор е кршење на меѓународното право.
Израелските власти соопштија дека мерките се неопходни за заштита на населението од терористички напади.
Огромно мнозинство од приведените Палестинци, велат експертите, се тинејџери и млади мажи обвинети за фрлање камења и огнени бомби или за контакт со милитанти.
Некои се ослободуваат релативно брзо, но многумина поминуваат неколку месеци или подолго во тешки услови зад решетки. Стапката на пресуди за безбедносни прекршоци на Западниот Брег е над 99 отсто.
Претставници на Адамир велат дека притворениците често не ги разбираат пишаните изјави што им се дадени на хебрејски или други документи, дури и признанија, а адвокатите на одбраната ги охрабруваат младите клиенти да се изјаснат за виновни за да избегнат долги судења и притвори, додава Гардијан.