Лајчак: Статутот на ЗСО е замислен како внатрешен документ на Косово, не е потребен потпис на Србија

Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) е наменет како внатрешен документ на Косово, поради што не е неопходно Србија да го потпише, изјави Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Во интервју за приштинскиот портал Газета експрес, Лајчак рече дека потпишувањето на новиот нацрт-статут, кој на партиите им го претстави „Големата петорка“ во октомври, би значело дека станува меѓународен договор, но не е тоа, пренесе Бета.

Лајчак рече дека неговиот тим, на барање на Косово, неколкупати разговарал за прашањето за формализирање на нацрт-статутот и додаде дека на косовскиот премиер Албин Курти му предложил неколку опции, на кои Приштина треба да одговори.

Тој изјави дека и Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во октомври изразиле начелна волја да го прифатат европскиот нацрт-статут за основање на ЗСО, но и дека изнеле одредени барања.

„Премиерот Курти го услови прифаќањето на статутот на ЗСО со меѓусебно потпишување на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, неговиот анекс за спроведување, како и самиот статут на ЗСО. Истовремено, Србија достави дополнителни прашања за појаснување“, рече Лајчак.

Тој додаде дека имплементацијата во моментов е во мирување поради барањата на тие страни и дека европските посредници „напорно работат“ на нивно решавање. 

Треба да знаете
Последни објави