По одлуката на групата земји-производители на нафта (ОПЕК) следната година дополнително да го намали производството на нафта, Ангола објави дека се повлекува од организацијата. Како што соопшти Министерството за нафта на Ангола, членството во ОПЕК повеќе не им служи на интересите на земјата. Како што јави француската новинска агенција АФП, министерот за минерални ресурси и нафта Дијамантино Азеведо изјавил дека одлуката не е лесна, но дека земјата во моментов нема корист од членството. -За да ги браниме сопствените интереси, решивме да се повлечеме, порачал Азеведо. Понатаму, ТПА за државната телевизија појасни дека најмногу ги вознемирила ноемвриската одлука на членките на ОПЕК, кои изразиле поддршка за дополнително намалување на производството следната година поради стабилизирање на цената на нафтата. -Да останевме во ОПЕК, ќе бевме принудени да го намалиме производството, што е спротивно на нашата политика и почитување на договорот, додаде Азеведо. Нигерија и Ангола се најголемите извозници на нафта во субсахарска Африка. Двете земји се спротивставија на намалувањето на производствените квоти на ноемврискиот состанок на земјите членки на нафтената асоцијација. Цените на нафтата во моментов се блиску до најниските нивоа во речиси шест месеци, и покрај прогнозите за дополнително намалување на производството, пренесува АФП. Сепак, цените се зголемија во последните денови откако нападите на бунтовниците Хути принудија неколку компании да ги прекинат пратките преку Црвеното Море и Суецкиот канал. Поради денешното соопштение на Ангола дека го напушта ОПЕК, цените повторно паднаа во попладневното тргување. Нафтениот картел ОПЕК, кој има 13 членки, е основан во 1960 година, а во 2016 година уште десет земји производители се приклучија на асоцијацијата ОПЕК +. Во обид да ги зголеми цените, алијансата ОПЕК + воведе намалување на понудата за повеќе од пет милиони барели нафта дневно од крајот на 2022 година.