Европол ги отстранува упатствата за правење бомби и оружје од Интернет

Единиците на Европол за хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни супстанции и експлозиви (CBRNE), како и оружје и експлозиви, во соработка со специјалните единици од Чешка, Германија, Ирска, Италија, Финска, Словачка, Шпанија и Обединетото Кралство, на 18 декември спроведе акција насочена кон откривање на терористичка содржина на Интернет, како и на оние кои ја објавуваат.

Акцијата беше спроведена преку платформата PERCI, а содржината беше евалуирана во согласност со националното законодавство на земјите учеснички. Фокусот на оваа истрага беа инструкциите и прирачниците што ги користеа терористите со различни идеолошки мотиви (џихадисти, десничарски и левичарски екстремисти, анархисти итн.). Посебно внимание е насочено кон откривање на материјали кои укажуваат на подготовки и техники на насилство и терористички напади.


Специјализираните единици, исто така, истражуваа терористички пропагандни објави на Интернет, како и материјали дистрибуирани од поединци, групи, мрежи и организации кои фалат и поддржуваат напади мотивирани од џихадистички или насилни десничарски екстремистички идеологии. Отстранувањето на таквата содржина е клучен дел од овие активности и игра значајна улога во спречувањето на потенцијални напади ширум светот.

Експертите кои учествуваа ја проценуваа содржината на различните терористички прирачници и упатства. Меѓу другото, наишле на инструкции како да се состави 3D печатено оружје и дронови, како да се направат бомби и хемиско оружје и како да се избере цел или оружје за да се изврши напад. Некои од материјалите вклучуваа и упатства за тоа како да останете анонимни и да се избегне откривање.

Резултатот од акцијата е откривање на 872 УРЛ адреси на десетина платформи и веб-страници. Тоа покажува дека „наставниот материјал“ за терористите може да се најде на различни видови даватели на онлајн услуги – од споделување видео до платформи за пораки. Услугите за споделување датотеки на Интернет се покажаа како омилено средство за ширење терористички материјали со различни инструкции.

Треба да знаете
Последни објави