Доколку државата сака да ја развие текстилната гранка, експертите советуваат да се даде можност на производство на текстилни производи, изработка на бренд од рециклиран текстилен отпад.
Во моментов, во Македонија постои само една фабрика која има машини за рециклирање текстил, која од отпад може текстилот да го претвори во конци, па потоа во платно и да направи нов производ.
Според последните информации, неофицијално уште една текстилна компанија веќе е влезена во фаза на набавка на машини за рециклирање текстил.
Според официјално достапните информации, пред само 5 години, Македонија имала уште поголеми можности за ваков тип на производство, но како што бевме информирани една од компаниите, некаде во 2020 година целата опрема ја дала на топење во железара, поради законските бариери. Претходно вакви капацитети имале и Тетекс, Едко и други компании кои имале предилници, но истите веќе не постојат.
Според информациите од сопствениците на текстилни компании, измените во законот за увозот на отпад текстилниот отпад го ставила во сегментот на опасен отпад и ги усложнила процедурите за вадење лиценца и ги зголемила давачките, со што компаниите се демотивирале да направат сопствен бренд.
Според информациите од еден сопственик кој често е на саемите за текстилни компании кои се одржуваат во Германија, уште од 2019 година се форсира производство на текстилни производи од рециклиран текстил. Лично се уверив дека истиот тренд е актуелен и во другите европски земји, Австрија и Белгија, каде што производите од рециклирани текстилни материјали се и поскапи, но и побарани отколку производи од нов материјал.
Игор Мицкоски