Поранешниот шампион Работнички, актуелниот Струга ТЛ и Фудбалската федерација на Македонија меѓу првите од земјава се оградија од „воскреснувањето“ на проект наречен Супер-лига, кој треба да биде конкуренција на најквалитетното европско клупско натпреаврување Лига на шампионите на УЕФА. Работнички во минатото беше чест учесник во европските натпреварувања, а два пати стигна и до плејофот од квалификациите за Лига Европа. – Работнички го повторува ставот дека идната благосостојба на европскиот фудбал може да се обезбеди само преку заедничка соработка преку ЕЦА во силно партнерство и соработка со УЕФА и ФИФА, стои во реакцијата на клубот од Градски парк. За Фудбалската федерација на Македонија беше нормано да се очекува вакво нешто бидејќи таа е дел од семејството на УЕФА и ФИФА. -Фудбалската федерација на Македонија со цело срце ја поддржува УЕФА. Славата не е само цел, туку патување кое се заработува со труд и пот на теренот. Со секој потег или додавање, со секоја надеж, ние бараме чесност и страст во играта. Секој тим нека биде инспириран да игра со целото срце, да се бори за секоја топка како да е последна и да се натпреварува во духот на вистински фер плеј. За љубовта кон играта што не обединува и не мотивира сите заедно, пишува во соопштението од ФФМ.
Последната реакција на оваа тема вечерва од мак-сцената стигна од Струга. -ФК Струга Трим Лум, гледајќи ги најновите случувања во светот на фудбалот, изразува мислење дека напредокот на фудбалот воопшто, а особено успехот и развојот на клубовите од овој спорт зависат главно од соработката со УЕФА и ФИФА. Во овој контекст, колку и да е мал по важност, ние како клуб не ја поддржуваме одлуката на Европскиот суд на правдата, кој накратко не го зема предвид противењето на лигите кои се под капата на континенталните и светската фудбалска институција, а тоа се УЕФА и ФИФА. Не ја поддржуваме одлуката која отстапува место за лига за која толку се зборува во светот на фудбалот, како „Европска Суперлига“, стои во соопштението на Струга ТЛ.