Холандија го прифати влезот на Бугарија во Шенген

Бугарскиот министер за внатрешни работи Калин Стојанов денеска изјави дека холандскиот парламент доцна синоќа гласал за влез на Бугарија во Шенген зоната. Стојанов рече дека сега единствена пречка останува опозицијата на Австрија.

Според него, како што јави агенцијата БТА, во тек се многу интензивни преговори меѓу Бугарија и Романија со австриски претставници.

И Софија и Букурешт сакаат да се приклучат на Шенген, што досега беше попречено од противењето на Австрија и Холандија. Бугарија беше блокирана и од Унгарија поради воведувањето на транзитна такса на рускиот гас, но подоцна се откажа од противењето со суспендирање на тој данок.

Стојанов изрази надеж дека Австрија ќе донесе одлука во наредните денови, но и сомнеж дека тоа би можело да се случи пред Нова година.

Бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека одлуката на Холандија е донекаде очекувана и дека Бугарија сега е во подобра позиција за преговори со Австрија.

Експертската мисија на Европската комисија пред една година оцени дека Бугарија, Романија и Хрватска се подготвени да влезат во Шенген, но на тоа не се согласија Холандија и Австрија.

Од трите споменати земји, само Хрватска влезе во Шенген на 1 јануари годинава.

Шенген зоната е најголемата област во светот каде што е можно патување без пасош. Вклучува 22 членки на Европската унија, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Треба да знаете
Последни објави