Последните денови стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката Влада што ќе биде задолжена за спроведување на изборите.
Одлуката е веќе неколку пати соопштена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски и од високи партиски функционери и се чека само формална потврда преку партиските тела и органи.
Техничката Влада се формира сто дена пред изборите, во конкретниот случај на 28 јануари, а на ВМРО-ДПМНЕ му припаѓаат две министерски места (за внатрешни работи и труд и социјална политика) како и три дополнителни заменици министри (за земјоделство, финансии и информатичко општество и администрација)
Иако во јавноста сега многу малку се зборува за тоа кој од ВМРО-ДПМНЕ ќе седне во министерките и заменички министерски фотелји, сепак струјат одредени информации околу кадровските решнија.
Во Министерството за внатрешни работи, најверојатно ќе седне Наќе Чулев кој и претходно ја извршуваше оваа функција во техничката влада на изборите во 2020 година.
И сега, како и тогаш, за истата функција се врзува и Драган Ковачки, кој тогаш не го презеде ВМРО-ДПМНЕ затоа што не беше цивилно лице, односно беше дел од Армијата, но сега тој е пратеник и таквата пречка е отстранета.
За труд и социјална политика се споменува името на блиската соработничка на Мицкоски, Гордана Димитриевска Кочовска, иако самиот Мицкоски во интервју за јавниот сервис ги негираше таквите тврдења.
Покрај неа, за позицијата министерка за труд и социјална политика, се појавуваат и имињата на пратеничката Рашела Мизрахи и на претседателката на Унијата на жени Жаклина Пешевска.
Сега за сега, поголема енигма се оние кои треба да станат дополнителни заменици минитри, но она што стигнува како информација од одредени канали од ВМРО-ДПМНЕ е дека на тие позиции ќе има искусни лица кои досега не биле многу јавно експонирани.
Ќе предложат министри, но нема да ја гласаат Владата
Според досегашниот став на партијата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за избор на Владата иако во неа ќе учествуваат пет члена предложени токму од ВМРО-ДПМНЕ.
Таквиот потег се должи на тоа што тие не сакаат да му дадат поддршка на техничкиот премиер Талат Џафери и сметаат дека предлогот за негово назначување е спротивен на законите.
Следната недела ВМРО-ДПМНЕ преку партиските органи треба да донесе прво одлука дали ќе учествува во техничката влада, а потоа и одлука за тоа кој сѐ ќе стане дел од таа влада.
Во истиот период, одлука ќе носи и СДСМ, по што, како што најави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе се сретне со Мицкоски, на средба која, како што кажа тој, немало да биде најавена преку медиумите.
Изборите за пратеници во Собранието се закажни за 8ми мај 2024 година, кога ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.