Советот на јавни обвинители денеска ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што образложи претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, која ја предложи Симовска, се работи за јавен обвинител со долгогодишно искуство во јавното обвинителство.
– Соња Симовска е докажана како добар јавен обвинител кој со оглед на искуството може успешно да ја извршува функцијата – рече таа.
Симоска започнува како приправник и стручен соработник во ОЈО Скопје, потоа станува обвинителка во истото обвинителство. Од 2009-2022 година таа е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, а од 2022 е јавен обвинител во Државното јавно обвинителство. Таа е и едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители од нејзиното основање, и е член на Програмскиот совет на академијата.
На денешната 93 седница на Советот на јавни обвинители Симовска беше избрана едногласно, а на функцијата вршител на должност може да остане до шест месеци.
Мандатот на актуелниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески му истекува на 25 декември, а постапката за избор на негов наследник е во тек. Симовска ќе биде на оваа функција до изборот на новиот републички јавен обвинител