Граѓаните во Белград и вечерва се собраа да протестираат пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) со единствено барање да се поништат изборите кои се одржаа на 17 декември и да се распишат нови поради бројните нерегуларности. Во Србија во неделата се гласаше за парламентарни и локални избори во 65 општини и градови, меѓу кои и за Белград. Организацијата ЦРТА потврди дека миграцијата на гласачите имала одлучувачко влијание врз исходот од изборите во Белград, додека српската премиерка Ана Брнабиќ ги обвини ЦРТА, опозицијата и странските набљудувачи дека сакаат да ја дестабилизираат Србија.
Граѓаните секоја вечер излегуваат на протест на повик од опозициската коалиција „Србија против насилството“, која тврди дека победата на владејачката Српска напредна партија (СНС) на неделните избори е резултат на изборна кражба.
Правниот тим на коалицијата Србија против насилството (СПН) објави дека утврдил учество на „најмалку 30 отсто фантомски гласачи“ на изборите во Белград на 17 декември. Како што беше соопштено Правниот тим го заклучил ова со увид во дел од гласачкиот материјал во Градската изборна комисија (ГИК) на Белград.