И покрај интересот на јавноста и многубројните прашања од медиумите, од Јавното обвинителство велат дека освен информацијата дека се пристигнати, резултатите од обдукциските наоди јавно нема да се објавуваат.
Обдукцијата на телата на убиените Вања и Панче заврши на 5 декември, но се чекаше Институтот за судска медицина и криминалистика да ги изготви и официјално да ги достави наодите до Обвинителството.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За нивното убиство и помагање за бегство, засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо се чека да биде екстрадиран од Турција.
Палевски се сомничи за две кривични дела – грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница беше фатен во турскиот град Баликесир.
Колку ќе трае постапката во Турција, од Правда велат дека не знаат оти станува збор за национално законодавство на друга држава, но очекуваат дека Палевски ќе ги искористи сите правни механизми и дека ќе се жали пред турските органи во рамките на процедурата.
Сите други осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесол Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.