САД воведуваат санкции за финансиски институции што и помагаат на Русија

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе потпише извршна наредба според која Вашингтон ќе воведе санкции за финансиските институции што и помагаат на Русија да ги заобиколи постоечките ограничувања, јавуваат британските медиуми, цитирајќи ја изјавата на американската министерка за финансии Џенет Јелен.

Извршната наредба, која е дел од сеопфатната американска акција против заобиколување на санкциите, исто така, на Вашингтон му дозволува да забрани производи што потекнуваат од Русија, но минуваат низ трети земји, како што се морските плодови и дијамантите, рече Јелен.

-Денеска преземаме чекори за распоредување на нови и моќни алатки против руската воена машинерија, рече американската министерка за финансии.

 „И ние нема да се двоумиме да ги искористиме овие нови алатки за да преземеме решителна и прецизна акција против финансиските институции кои го олеснуваат снабдувањето на руската воена машинерија“, додаде таа.

Високи членови на американската влада, под услов да останат анонимни, за Ројтерс изјавија дека новата извршна наредба ќе биде јасен сигнал до финансиските институции дека мора или да ги спречат нивните компании да испраќаат делови и опрема за рускиот воен сектор или да се соочат со значителни санкции.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година, САД и нивните сојузници, заедно со ЕУ и Велика Британија, воведоа голем број санкции кон Москва и продолжуваат да го зголемуваат притисокот врз претседателот Владимир Путин, руските финансии и десетина нему блиски олигарси.

Треба да знаете
Последни објави