Чешката полиција го засили обезбедувањето околу училиштата и другите јавни згради во земјата, а Карловиот универзитет во Прага ги откажа сите предавања и настани, откако студентот Давид Козак (24) уби 14 лица во зградата на универзитетот во четвртокот.
Исто така, полицијата објави снимка од камерите на полицајците на кои се гледа како тие влегуваат во зградата на универзитетот при интервенцијата поради пукањето.
На видеото се гледа како вооружени полицајци влегуваат во зградата, а граѓаните бегаат од местото на настанот на Карловиот универзитет.
На денешната прес-конференција Петр Матејчек, директор на регионалната полиција во Прага, рече дека добиле повик од некој кој рекол дека „ќе се обидат да го следат примерот на насилникот и да почнат да пукаат“, но успеале да ги идентификуваат и приведат.
Портпаролот на полицијата им изјави на новинарите дека се верува дека напаѓачот бил на горните катови од зградата кога во четвртокот пристигнале вооружените полицајци. Подоцна, потрагата ја пренасочиле кон покривот.
Студентите на универзитетот се забарикадираа во училниците.
Бил поставен периметар околу зградата на универзитетот, додадоа претставниците на прес-конференцијата. Во еден момент напаѓачот со далечинско оружје пукал и ранил три лица надвор од зградата, а полицијата возвратила.
Кога полицијата се приближила до неговата локација, тој бил вооружен со сачмарка и се самоубил, додаде Матејчек.
Полицајците го пронашле неговото тело додека ја пребарувале зградата.