Утре, 23 декември (сабота), во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, ќе се одржи традиционалната церемонија на пристигнување на „Дедо Мраз“ со транспортен воен хеликоптер од составот на Армијата и доделување на новогодишни пакетчиња на деца на припадници на Армијата и Министерството за одбрана. Mанифестацијата, која е во организација на воздухопловниот ВИНГ, ќе се реализира на воениот дел од Меѓународниот аеродром – Скопје во касарната ,,Страшо Пинџур“, со прелет и слетување на хеликоптерот со армискиот „Дедо Мраз“ во 11.00 часот. Оваа активност, која традиционално се одржува секоја година во пресрет на новогодишните празници, особено е интересна за најмладите не само поради симболично пристигнување на „Дедо Мраз“ со хеликоптер, туку и можноста да ги разгледаат армиските хеликоптери. Заради запазување на процедурите за влез во воениот дел од аеродромот, потребно е пристигнувањето пред влезот во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец да биде до 10.30 часот.