На денешната средба со новинари, министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека од први јануари следната година се воведува системска промена во процесот на вработување во јавниот сектор, преку поедноставување на постапката и нејзино децентрализирање на микро ниво, односно на ниво на менаџмент на институцијата во која треба да се реализира вработувањето.
Со измените во Законот за буџети кој е во собраниска процедура се воведува нова поедноставена постапка процесот на вработување во јавниот сектор која ќе се врши врз основа на одобрен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата и врз основа на изгласаниот Буџет во Собранието, надополнето со изјава од страна на раководното лице на институцијата за обезбедени средства за вработување за која сноси одговорност.
Тоа значи дека буџетските корисници веќе нема да мора да чекаат согласности за бвработување од Министерството, процес што некогаш траеше многу долго и причина поради која илјадници вработени во јавната администрација со години не добиваа решенија за вработувања на неопределено време.