Петнаесет мртви и 25 повредени, од кои десет се во животна опасност е црниот биланс на масовното убиство кога вооружен маж во четвртокот уби 14 луѓе на универзитет во Прага, а набргу потоа беше пронајден мртов.
Се уште се истражува дали се работи за самоубиство или бил застрелан од полицијата.
Убиецот е Давид Козак, 24-годишен студент на Универзитетот Карло во Прага кој студирал историја и европски студии, а магистрирал по историја на Полска. Колегите го опишаа како интровертна личност. Полицијата само соопшти дека напаѓачот е 24-годишен студент на Филозофскиот факултет на тој универзитет.
Брзата интервенција на полицијата на универзитетот во центарот на Прага спречи многу повеќе крвопролевање. Полицијата го поврза со три други смртни случаи: неговиот татко беше пронајден мртов во градот Хостоун. Според началникот на полицијата се сомневаат дека го убил студентот.
Полицијата истражува и дали напаѓачот е поврзан со двојно убиство извршено пред една недела: тој е осомничен дека убил маж и неговата двомесечна ќерка на 15 декември додека се шетале во шума во источната периферија на Прага.
Врз основа на истрагата за трагите на напаѓачот на Интернет, началникот на полицијата Мартин Вондрашек тврди дека сторителот бил инспириран од сличен случај во Русија оваа есен. Како што објави германски Билд, меѓу другото, 24-годишникот во групата Телеграм коментирал за злосторството од 7 декември од Брјанск, Русија, каде 14-годишна девојка пукаше во ученици од своето одделение и остави двајца мртви и пет ранети. Меѓу двајцата загинати е и девојчето кое пукаше и кое потоа изврши самоубиство.