Производството на свинско месо во Европската унија продолжува да опаѓа, а капацитетите на кланиците не се целосно искористени. Ова е секако уште еден показател дека цената на овој вид месо ќе остане висока и во наредниот период.
Во првите три квартали од 2023 година, во земјите-членки на ЕУ беа заклани 165,5 милиони свињи. Тоа е за 14,6 милиони парчиња или за 8,2 отсто помалку во однос на истиот период лани, покажуваат најновите податоци на Заводот за статистика на Европската унија, Евростат. Падот на понудата беше најголем во Данска, но за прв пат производството падна и во Шпанија.
Според извештајот, постоечките капацитети за колење во Европската унија не се ангажирани бидејќи има хроничен недостиг на животни за колење, пишува порталот „Фармер“.
– Се чини дека во 2023 година ова производство ќе падне на најниско ниво во последната деценија, а падна за повеќе од 10 проценти во однос на петгодишниот просек. Последната прогноза на Европската комисија е дека овој сектор годинава ќе ја заврши со дефицит од 6,6 отсто.
Надлежните потсетуваат дека овој драстичен пад може да се забележи ако се споредат резултатите од производството во кланиците годинава и лани.Имено, ниту една од 27-те земји-членки годинава не произвела повеќе свинско месо отколку во 2022 година. Според прелиминарните податоци, падот е најмал во некои источноевропски земји и се движи од три до четири проценти во земји како Романија, Унгарија и Полска.
Во Шпанија за прв пат по долго време се заклани помалку свињи – вкупно 39 милиони парчиња, што е за 7,2 отсто помалку во однос на првите три квартали од минатата година. Данска забележа пад од 20 отсто, а Холандија за 15 отсто.
Француската канцеларија за земјоделска статистика Агрест објави дека во август биле заклани 1,7 милиони свињи, што е за 4,3 отсто помалку од 2022 година и за 7,9 под петгодишниот просек за месецот. Намалена е и потрошувачката на ова месо во Франција, нешто повеќе од три отсто.