Секторот за внатрешни работи денеска упати апел до возачите кои планираат во деновите од викендот да престојуваат во зимските центри да го почитуваат утврдениот режим за паркирање и наредбите на полициските службеници за да се избегнат поголеми сообраќајни метежи.
-На зимските туристички центри Попова Шапка и Маврово веќе стартуваше новата скијачка сезона, со што се зголеми вкупната динамика од возила и луѓе, особено за викендите. Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до сопствениците на моторни возила целосно да го почитуваат утврдениот режим за паркирање и наредбите на полициските службеници. На оние кои на Попова Шапка и Маврово ќе пристигнуваат со возила, исто така, им се советува да ги заклучуваат возилата и во нив на седиштата да не оставаат вредни предмети, паричници, мобилни телефони, чанти, очила за сонце, лаптоп компјутери и слично, велат од СВР Тетово.
Возачите се потсетуваат на постојната законска обврска задолжително да поседуваат зимска опрема, но и крајно одговорно да се однесуваат кон јавната чистота, односно да не ги фрлаат отпадоците каде ќе стигнат, туку во наменски поставените садови.
-На сопствениците на моторни санки, пак, им се укажува да се воздржат од возење по скијачките патеки, зашто движејќи се по патеките можат да ја доведат во прашање сопствената и безбедноста на скијачите и на другите присутни покрај патеките, потенцираат од СВР Тетово .
Во текот и на оваа зимско-туристичка сезона Секторот за внатрешни работи Тетово ќе ги засили планираните превентивни и други активности на Попова Шапка и Маврово, со цел навреме да се откријат и отстранат евентуалните безбедносни ризици и соодветно да ги санкционира прекршоците и прекршителите.