Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег, со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, а во Куманово, Берово и на планинските премини Стража и Пресека се бележат послаби врнежи од дожд и снег. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во Кичево, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.