Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на вечерашната трибина „Повеќе за сите” во Штип, ја посочи и поддршката за повисоки плати и за развој на компаниите.
„За работниците во приватниот сектор обезбедивме поддршка за поголеми плати, со што, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Работодавачот ќе плаќа само персонален данок, а има целосно ослободување од придонесите за пензиско и здравствено осигурување за делот на зголемувањето на платата”, рече Ковачевски.
„Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, од неговото воведување до денес поддршка имаат 919 компании со 100 милиони евра. Изминативе 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании ја зголемивме за 11 пати”, соопшти Ковачевски.
Претседателот на СДСМ и премиер, Ковачевски, направи споредба и на инвестициската клима во државата денес, кога државата ги реализира евроатлантските интеграции, наспроти периодот на меѓународна изолација, до 2016 година.
„Во 2016 година странските директни инвестиции изнесуваа 338 милиони евра. Во 2022, година после светската здравствена криза во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година! Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра”, рече Ковачевски на трибината во Штип.