„Новиот пакет антикризни мерки е континуитет на поддршката која што ја имаа граѓаните и компаниите и во време на ковид пандемијата и во време на енергетската криза, но и континуитет на целокупната политика што оваа влада ја води во изминатите скоро 7 години, а е во насока на заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите, и развој на економијата”, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Цивил. Премиерот Ковачевски рече дека антикризните мерки се грижа за сите граѓани и обезбедуваат повеќе за оние на кои им е најпотребна поддршка.
„Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството. Само новиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, а содржи 26 мерки како поддршка за ученици, студенти, млади, пензионери, ранливи категории, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании. Исплатите за дел од мерките започнуваат кон крајот на овој месец декември”, вели премиерот Ковачевски.
Во интервјуто премиерот Ковачевски посочува дека за дел од мерките од новиот деветти пакет антикризни мерки, исплатата започнува кон крајот на овој месец. Во однос на мерките, премиерот Ковачевски посочува дека со овој пакет е обезбедена поддршка за 120.000 млади лица, 187.000 пензионери, над 74.000 социјално ранливи граѓани, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.
„За младите, обезбедуваме финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. Во наредните 6 месеци 35.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или 10.800 денари до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, во наредните 6 месеци добиваат по 1.200 денари месечно или 7.200 денари до завршување на училишната година за ученик. Повикот за учениците е веќе отворен, и трае до 26 декември, потоа ќе се започне со исплатата. Студентите од социјално ранливите семејства, добиваат ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно, тоа се 15.000 студенти. Повикот за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/24 година е отворен до 24 декември, и ваучерот ќе важи од овој месец декември 2023 година”, вели премиерот Ковачевски.
Со пакетот антикризни мерки, пензионерите, со пензија до 14.000 денари добиваат по 3.000 денари месечно финансиска поддршка во наредните 5 месеци. За 5 месеци тоа е поддршка од вкупно 15.000 денари. Пензионерите пак со пензија од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно. Оние пензионери со примања помеѓу 16.000 и 19.000 денари во следните 5 месеци, добиваат поддршка од 1.500 денари. Исплатите на оваа финансиска поддршка пензионерите може да ја очекуваат кон крајот на овој месец, за неколку дена и не треба ниту да аплицираат, ќе им стигне на нивните сметки.
За ранливите, корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители – корисници на гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години, обезбедивме поддршка по 2.000 денари во период од 5 месеци. Дополнително, 5.000 ранливи семејства ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија. Исплатите и на оваа финансиска поддршка ќе бидат кон крајот на овој месец.
„Продолжува мерката за субвенционирана струја до 90%, за над 600 илјади семејства. Со мерката за зголемување на платите во вработените во приватните компании, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Ќе ја споменам и мерката за „Мој ДДВ”, за која го зголемивме прагот до 2.100 денари и со оваа мерка се опфатени 540.000 корисници. Ги враќаме парите назад кај граѓаните и само преку оваа мерка се вратени над 110 милиони евра назад кај граѓаните, ” рече премиерот Ковачевски.
При тоа, премиерот Ковачевски посочи дека земјоделците за прв пат досега, добиваат авансна исплата на субвенциите, односно, сите 40.000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од субвенциите, исто така до крајот на овој месец. Поддршка е обезбедена и за компаниите, со која се зајакнува приватниот сектор, се ублажуваат последиците од економската криза и се за зачувување на конкурентноста на нашата економија.
„И како што напоменав, овие мерки се континуитет на политиките кои ги води оваа влада, а кои даваат видливи резултати. Минатиот месец ноември инфлацијата изнесува 3,1%, што е за 6,3 пати помала инфлација за само една година, односно споредено со ноември 2022 година, кога инфлацијата беше 19,5 %. Паралелно, статистиката регистрира и раст на платите. Просечната нето плата денес е речиси 39.000 денари или 630 евра, а ветивме 500 евра. Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 270 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра. Минималната плата е историски највисока и изнесува 20.175 денари или 328 евра”, вели премиерот Ковачевски, додавајќи дека раст се регистрира и кај пензиите. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, а минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно имаме повисока пензија за речиси 50%.