Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за „ЦИВИЛ МЕДИА” нагласи дека останува лидер на европскиот фронт со кој ќе се обезбеди солидна основа, за веќе во следниот мандат забрзано да се отвораат и затвораат кластерите и поглавјата во текот на преговорите со што земјата ќе стане членка во ЕУ до 2030 година, истакнувајќи дека наредните неколку месеци се исклучително важен период за земјата.
Воедно, образложи, дека по успешно завршениот скрининг, имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за земјите од регионот, е нешто кое што ќе донесе нов импулс и јасно и на дело ќе ја покаже волјата на ЕУ да ја види Северна Македонија како дел од Унијата што поскоро.
„Сите ние се стремиме кон врвна демократија, социјална правда и функционално владеење на правото, подобар животен стандард, подобри и подобро платени работни места, економски развој. Сето ова единствено е можно само со приклучување на тој европски сојуз, кој по членството во НАТО ќе ни обезбеди целосна интеграција на земјата и секако остварување на стратешките цели зацртани уште од независноста”, рече Ковачевски осврнувајќи се на придобивките од европскиот пат и членството во ЕУ.
Ковачевски се осврна на изолацијата која ја нуди ДПМНЕ, на тоа како функционираа 11 години и дека нема дилеми доколку се случи ДПМНЕ да дојде до власт, ни следува враќање назад и како држава но и враќање на минатото мрачно време.
Притоа, ја нагласи убеденоста дека со глас за европскиот фронт граѓаните ќе испратат јасна порака дека не сакаат назад во неизвесност туку сакаат земјата да продолжи напред, по вистинскиот, по европскиот пат.
Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за „ЦИВИЛ МЕДИА” посочи дека Северна Македонија ќе обезбеди членство во ЕУ со проевропска коалиција и Влада чиј премиер ќе биде тој.
„Идниот претседател на државата ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата. На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска Влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија на Европската Унија. Тоа е моето ветување”, нагласи Ковачевски.