Судењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да продолжи во февруари, објави во понеделник израелскиот суд.
– Судењето на Нетанјаху под обвинение за поткуп, измама и нарушување на довербата ќе продолжи од февруари – се наведува во соопштението на Високиот суд на правдата, пренесе „Џерусалим пост“.
Судењето требаше да продолжи во октомври, но беше прекинато по прекуграничен напад на Хамас на 7 октомври, кога Израел започна одмаздничка воена офанзива во Појасот Газа во која загинаа најмалку 20.674 Палестинци, главно жени и деца, а беа ранети 54.536.
Судот го прифати барањето на одбраната рочиштата да се одржуваат само два пати неделно, наведувајќи го недостатокот на можност на премиерот да се подготви за сведочењето на новите клучни сведоци среде војната во Газа.
Во ноември 2019 година, Нетанјаху беше обвинет за измама, нарушување на довербата и поткуп во три одделни случаи. Тој негира дека направил нешто незаконско.