Џафери во честитката за католички Божиќ: Сите имаме потреба од зрак на надеж, да дозволиме да излезе од нас најдоброто

Честитка од претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери по повод празникот Божиќ до верниците кои го прославуваат по грегоријанскиот календар :

Дозволете од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име да упатам честитки по повод големиот христијански празник – Божиќ до сите граѓани католички верници кои го прославуваат празникот по грегоријанскиот календар.

Оваа година, беше тешка година, со сите тажни вести кои ни доаѓаа од сите страни и сите имаме потреба од зрак на надеж и зрак на позитивизам во нашето секојдневие и во нашите животи. Радоста што ја носи Божиќниот празник, неговата моќ на сплотување на семејствата, на соседите, пријателите и соработниците во животот е уште една прилика за сите нас да дозволиме да излезе од нас најдоброто, хуманото и благородното. Можеби сами сме премногу неважни и слаби за да направиме некакво значајно влијание меѓутоа, заедно сме посилни од сѐ! Затоа, да споделуваме убави зборови на надеж и верба во подобро утре, дури и кога се чини дека тоа е безнадежно. Понекогаш е доволен и само еден збор, само една насмевка и подадена рака за поддршка и емпатија. Доволно е да се всади чувство на грижа, совесност, солидарност кон другите почнувајќи од нашите семејства, па во општеството.

Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот и да Ви посакам празничните денови да ги поминете во мир и спокој во душата, во добро здравје и семејна благосостојба.

Треба да знаете
Последни објави