Сокот од портокал често се истакнува како еден од омилените начини за здрав почеток на денот. Најчесто соковите ги купуваме во продавниците, а кога ги имаме портокали, ги цедиме сами и ја пиеме домашната варијанта. Но, се поставува прашањето колку всушност сокот од портокал е здрав и какви здравствени придобивки добиваме додека го пиеме.
На ова прашање одговори диететичарката Меги Михалчик која тврди дека зависи од тоа што има во сокот од портокал, односно од информациите и списокот на состојки на пакувањето. „Сокот од портокал може да биде дел од здравата исхрана бидејќи е преполн со витамин Ц, калиум и други есенцијални хранливи материи. Сепак, некои видови сок од портокал може да содржат додадени шеќери и помалку хранливи материи од свежо цедените или 100 отсто природни сокови“.
Таа додава дека е важно да бидеме свесни колку шеќер и други состојки има во пијалоците што ги консумираме. „Сокот од портокал може да биде здрав додаток на добро балансирана исхрана, но сите сокови од портокал не се исти“, вели Михалчик, а диететичарката Ерика Инграхам се согласува.
„Сокот од портокал е богат извор на витамин Ц, за кој е познато дека има корисен ефект врз имунолошкиот систем“, објаснува Ерика, додавајќи дека сокот од портокал е богат со калиум, кој е важен за здравјето на срцето и функцијата на мускулите, пишува Параде.
Како редовното консумирање сок од портокал влијае на нашето тело?
Редовното консумирање на сок од портокал, се додека е без додаден шеќер, може позитивно да влијае на нашиот организам.
„Сокот од портокал е богат извор на витамин Ц, кој помага во поддршката на имунолошкиот систем. Поточно, витаминот Ц е вклучен во растот и поправката на ткивата, што може да помогне во закрепнувањето од болести и повреди“, објаснува Инграхам.
Доколку пиеме сок од портокал збогатен со витамин Д, Инграхам додава дека тоа дополнително го зајакнува имунолошкиот систем. Витаминот Д им помага на имуните клетки да се одбранат од патогени како бактерии и вируси.
На долг рок, конзумирањето сок од портокал може да помогне во промовирање на здравјето на кожата, здравјето на срцето и зајакнување на имунитетот поради хранливите материи и антиоксидантите, истакнува Михалчик.
Диететичарите истакнуваат дека не треба секојдневно да претерувате со количините на сокот бидејќи дури и шеќерот кој доаѓа од овошјето може негативно да влијае на организмот доколку се консумира во прекумерни количини. Додаваат дека најдобро е да се испие чаша сок од портокал со појадок кој содржи протеини и незаситени масти, пренесува Параде.