Основниот суд во Приштина им го продолжи притворот за уште два месеци на тројцата косовски Срби осомничени за нападот врз косовската полиција во Бањска во северно Косово, на 24 септември, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста за невладината организација која го следи косовското правосудство, „Заклетва за правда“, ја потврди портпаролката на приштинскиот Основен суд, Мирлинда Гаши.
– Во врска со вашето барање за информација, ве известуваме дека… Основниот суд во Приштина – Специјално одделение го прифати барањето на Специјалното обвинителство на Република Косово, со што на обвинетите В.Т., Б.С. и Д.М. им е продолжена мерката притвор во траење од два месеци, за секој поединечно, се наведува во одговорот на судот.
Во Бањска кај Звечане во раните утрински часови на 24 септември годинава беше убиен наредникот Африм Буњаку, а двајца полицајци беа ранети. Тројца од напаѓачите потоа беа убиени, додека другите избегаа по неколкучасовно криење во манастирот Бањска.