Божиќниот викенд заврши прилично неславно за суперхеројскиот филм Аквамен и изгубеното кралство. Најновиот проект од универзумот на ДЦ заработи 28,1 милиони долари во САД за стандардните три дена и 40 милиони долари за продолжениот празничен викенд.
Продолжението на филмот од 2018 година, петнаесеттиот и исто така последен во проширениот универзум на Ди Си во Северна Америка, го имаше вториот најлош резултат за студиото по „Сината буба“ која заработи 25 милиони долари.
Буџетот за снимањето на Аквамен и изгубеното кралство изнесуваше 205 милиони долари. Филмот заработи 108,2 милиони на светскиот бокс офис и доби различни критики од критичарите.
Џејсон Момоа се врати во улогата на владетелот на Атлантида, а во филмот глумеа и Патрик Вилсон, Јаја Абдул Матин II, Амбер Херд, Никол Кидман и Долф Лундгрен.
Режисер беше авторот на првиот „Аквамен“ Џејмс Ван.
Оригиналниот филм од 2018 година заработи 1,1 милијарда долари ширум светот.
Додека приказната продолжува, Блек Манта, сè уште воден од потребата да се одмазди за смртта на својот татко, нема да застане пред ништо додека не го победи Аквамен еднаш засекогаш. Овој пат Блек Манта е помоќен од кога и да е, користејќи ја моќта на митскиот Црн Тројад за да ослободи древна и зла сила. За да го победи, Аквамен ќе се обрати за помош кај својот брат Орм, поранешниот крал на Атлантида. Заедно, тие мора да ги остават настрана сите свои разлики за да го заштитат кралството и да го спасат семејството, како и светот, од неповратно уништување.