Полицијата уапси пет мажи во Везел во западна Германија кои се поврзани со можни терористички напади на катедралата во Келн.
По претресот на зградата во Везел на Бадник, полицијата приведе пет мажи, а по распит едно лице е приведено до 7 јануари, соопштија од полицијата. Одговорните „имаат информации за загрозување на безбедноста на државата“.
„Полицијата ги користи сите законски средства за да ги заштити граѓаните, катедралата и претстојната новогодишна прослава“, изјави директорот на криминалистичката полиција на градот Келн, Мајкл Есер по апсењето во Везел. Во саботата вечерта, по дојава за можен бомбашки напад, полицијата со кучиња ја пребарала катедралата во Келн, но во таа прилика не бил пронајден експлозив.
Според германските медиуми, има информации од тајните служби дека авганистанскиот огранок на Исламската држава подготвува напади во Европа за време на божиќните и новогодишните празници. Полицијата во Келн во вторник одлучи да ја задржи безбедносната мерка затворање на катедралата во Келн за сите посетители, освен оние кои присуствуваат на литургиските служби.