Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година на авторите Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски и соработниците Саше Нешиќ и Катина Сутоглу од Студио Синдикат за проектот Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово – Скопје. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на претседателот Пендаровски.
Со доделувањето на Големата годишна награда, каде што се презентираат највредните архитектонските остварувања во тековната година, како и со своите останати активности, Асоцијацијата на архитекти придонесува за промоција на македонската архитектура и за соодветно, јавно вреднување на дострелите на македонските архитекти.
Живееме во комплексни времиња на простор каде што не е лесно да се твори, имајќи предвид дека архитектите чувствуваат притисок од инвеститорите, за жал, некогаш и од носителите на јавни функции, а модерната, бескрупулозна трка за профит го игнорира естетското и хуманото. Во опкружување каде што предност добива инстантното и каде што доминира кичот, предизвикот да се направи успешно и естетско издржано дело кое ќе го издржи тестот на времето е уште потежок, заклучи претседателот Пендаровски во своето обраќање.