Готови производи за јадење, главно чаден лосос, се веројатниот извор на бактеријата Listeria monocytogenes, која беше откриена во неколку европски земји овој месец, се вели во соопштението на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).
Во периодот од 2022 до 2023 година листерија моноцитогенес е откриена во Австрија, Белгија, Италија, Германија и Холандија, каде се евидентирани 17 случаи на заболени и два смртни случаи, се посочува во извештајот. Пациентите биле претежно постари лица, според податоците што може да се следат од 2011 година.
Анализата на податоците укажува на поврзаност со две институции во Литванија во истиот период. Утврдено е дека токму тие внесувале контаминирани рибни производи на малопродажните пазари во Германија и Италија. Производството е запрено во една фабрика во Литванија.
Експертите од ЕФСА и ЕЦДЦ велат дека се потребни дополнителни истраги за да се утврди потеклото на контаминацијата. Ова ќе им овозможи на националните власти да спроведат насочени контролни мерки и активности за ублажување. Дополнително, тие препорачуваат почитување на добрите производствени практики, хигиенските правила и ефективната контрола на температурата низ синџирот на производство, дистрибуција и складирање храна, вклучително и домаќинствата.
На потрошувачите им се советува да ги одржуваат температурите во фрижидерот ниски за да се спречи потенцијалното ширење на бактерии како листеријата, која може да биде присутна во готовата храна.
Пет правила за чување на храна
Во претпразничниот период кога е зголемена набавката и потрошувачката на храна, треба да се внимава. Следете ги овие правила:
-Планирајте го добро купувањето бидејќи свежото свинско, говедско, јагнешко и телешко месо може да се чуваат во фрижидер на температура од четири до пет Целзиусови степени до четири дена, а меленото месо, живина и риба еден или два дена.
-Не оставајте термички обработена храна на собна температура повеќе од два часа. По готвењето изладете ја што е можно поскоро и чувајте ја во фрижидер или поделете го вишокот во кутии и замрзнете го за подоцна.
-Не ја чувајте храната надвор бидејќи дневните температури надминуваат пет степени Целзиусови, а особено е опасно доколку сонцето удри во садот за храна.
-При загревање, важно е храната да достигне висока температура во сите делови. Ако е само топло, не е сигурно дека е погодно за јадење.
-Бидете особено внимателни со храна која содржи јајца и млеко (колачи, руска салата и сл.).