Жената што сакаше да го предизвика Путин на претседателските избори во Русија не помина и кај Врховниот суд

Рускиот Врховен суд денеска ја потврдил одлуката со која на поранешната телевизиска новинарка и противничка на војната во Украина, Екатерина Дунцова да ѝ се забрани да учествува на претседателските избори во март, соопшти лично таа.

Членовите на централната изборна комисија едногласно ја отфрлија кандидатурата на Дунцова, наведувајќи „бројни грешки“ во документите што таа ги доставила во прилог на нејзината кандидатура.

Дунцова, која сакаше да го предизвика рускиот претседател Владимир Путин, на Телеграм потврди дека Врховниот суд ја одбил нејзината жалба против одлуката.

Таа рече дека сега планира да се обиде да основа нова политичка партија за луѓето кои сакаат „мир, слобода и демократија“. Таа смета дека тоа е привлечно за десетици милиони Руси чии гласови, како што рече, не се застапени.

Дунцова, која не е многу позната во Русија и, според нејзиното признание, има база на поддршка од само неколку илјади луѓе во земјата со повеќе од 140 милиони жители, претходно за Ројтерс изјави дека чувствува дека била неправедно дисквалификувана.

Руската Централна изборна комисија соопшти дека одлуките на телото се засноваат исклучиво на правила и оти задача на членовите е да се погрижат потенцијалните кандидати да ги следат правилните процедури.

Актуелниот претседател Владимир Путин, кој е на власт како претседател или премиер повеќе од 20 години и нема сериозна конкуренција, на изборите во март лесно би требало да добие уште еден шестгодишен мандат.

Кремљ укажува на анкетите според кои 71-годишниот Путин има поддршка од околу 80 отсто избирачи и вели дека повеќето Руси ја поддржуваат, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ на Москва во Украина.

Треба да знаете
Последни објави