Државниот трудов инспекторат и Основното јавно обвинителство, поднесоа кривични пријави за инвеститорот, изведувачот и надзорот поради загинувањето на еден работник на ископ за објект за градба на улицата „Пиринска“ во општина Центар.
Имено, како што објави и 24инфо.мк, на 17.11 на улицата „Пиринска“ близу Руската амбасада се преврте градежна машина по што работник багерист го загубил животот.
„Несреќата на работа со фатални последици се случила кога вработениот вршел ископ на последните кубици чакал од ивицата на темелната (градежната) јама при што земјиштето под него почнало да се обрушува, а вработениот Т.М. заедно со багерот паднал во темелната јама. При падот багерот се превртел, а работникот останал приклештен во кабината на багерот и се здобил со тешки повреди кои за кратко време по извлекувањето предизвикале смрт кај работникот“ велат од МТСП и ДИТ.
Поради постоење непосредна опасност по Законот за безбедност при вработа, на вработените заради необезбедени мерки градилиштето е затворено, а поднесени и кривични пријави против фирмите кои се во улога на инвеститор, изведувач и надзор.
„Веднаш по настанот извршен е увид на лице место од увидни екипи на МВР и тројца инспектори од Државниот инспекторат за труд. Јавен обвинител даде наредба за обдукција на телото на починатиот, велат од Основното јавно обвинителство.
Инаку, за случајот деновиве зборуваше градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој како главен виновник го посочуваше Ивица Георгиевски – Фреди за кој Јакимовски го посочува како ортак на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
Јакимовски обвинуваше и дека Георгиевски и ВМРО-ДПМНЕ вршеле притисоци врз семејството на загинатиот работник, но и до инситуциите, за да се сокрие целиот случај.