Поддржувачите на коалицијата „Србија против насилството“ (СПН) вечерва одржаа протест пред зградата на Републиканската изборна комисија (РИК) и зградата на РТС, а сообраќајот беше блокиран во делови од Краља Милана.
Претставниците на коалицијата пред РИК ги повторија барањата поврзани со повторување на изборите и посочија дека вечерва се собрале да им дадат поддршка на колегите кои 10 дена штрајкуваат со глад.
Претставниците на коалицијата соопштија дека Жељко Веселиновиќ се откажал од штрајкот со глад поради неговата здравствена состојба, а Данијела Грујиќ и Јанко Веселиновиќ се во болница бидејќи им се влошила здравствената состојба.
Претставникот на коалицијата од редовите на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ изјави дека нивниот адвокатски тим ги ослободил мнозинството од уапсените за време на нередите на протестот пред Собранието на Белград и ги повика надлежните органи да ги ослободат и останатите.
Протестот потоа продолжи до зградата на РТС, бидејќи како што беше најавено, „штрајкот со глад на седуммина пратеници од коалицијата СПН не е новост за РТС. Тие таму најавија дека ќе бараат меѓународна поддршка за формирање на независна комисија за истражување на нерегуларностите околу изминатите избори, дека ќе работат на тоа преку домашни институции и судови, но и дека ќе продолжат да одржуваат протести.