Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Клиничката болница во Битола по повод донација на медицинска и немедицинска опрема во вредност од 450 илјади долари со поддршка од невладината организација World Medical Relief, како и Обединетата македонска дијаспора.
Во изјава за медиуми, министерот Меџити информираше дека станува збор за опрема која се состои од апарат за стерилизација, ортопедски помагала, болнички кревети, медицински столови, инхалатори, апарати за мерење притисок, како и разни инструменти и заштитна опрема.
„Зајакнувањето на јавните здравствени установи со нова медицинска и немедицинска опрема е еден од клучните приоритети на Министерството за здравство. Битолската болница е пример и за кадровско зајакнување, имајќи предвид дека до крајот на годинава се реализираат вкупно 34 нови вработувања на здравствени работници, администрација и помошно-технички персонал. Со тоа се зајакнува кадарот на болницата кој веќе се состои од 750 лица вработени на неопределено време. Упатувам искрена благодарност до невладината организација World Medical Relief и Обединетата македонска дијаспора за поддршката и значајниот придонес за унапредување на здравствениот систем во нашата држава“, вели Меџити.
Директорката на Клиничката болница Битола Елизабета Ивановска посочи дека со оваа опрема ќе се подигне нивото и степенот на здравствена заштита на пациентите од регионот кои се опслужуваат секојдневно во установата. Таа информираше дека е започнато реновирање на одделите за неврологија и интерна медицина.