Русија упорно се обидува да ги дестабилизира Босна и Херцеговина и регионот

НАТО внимателно ја следи ситуацијата во Босна и Херцеговина и нема да дозволи нејзина дестабилизација, изјави во средата генералот Памела Мекгаха, командант на штабот на НАТО во Сараево, предупредувајќи дека Русија продолжува да ја игра улогата на држава што ја поткопува стабилноста во целиот регион.

Американскиот генерал Мекгаха веќе две години е началник на штабот во Сараево, во кој има офицери од земјите на НАТО со задача да помогнат во реформите на одбранбениот сектор на Босна и Херцеговина и обуката на нејзините вооружени сили.

Седиштето на НАТО во Сараево е формирано во 2004 година кога заврши мисијата на СФОР, предводена до тогаш од алијансата, а нејзиниот мандат за зачувување на мирот во Босна и Херцеговина го презедоа воените сили на Европската Унија преку мисијата „Алтеа“.

Оваа мисија секоја година се продолжува со одлуките на Советот за безбедност на ОН, а ЕУФОР во спроведувањето на своите задачи се потпира на поддршката на НАТО преку договорот „Берлин плус“ од 2003 година, кој ѝ овозможува на Европската Унија да ги искористи капацитетите на Северноатлантскиот сојуз за неговите воени операции во целиот свет.

Во случајот со Босна и Херцеговина, НАТО ја остави отворена можноста за преземање на мониторингот на почитувањето на воениот дел од Дејтонскиот договор од ЕУ во случај Советот за безбедност да одбие да го продолжи мандатот на ЕУФОР поради руската блокада. И генералот Мекгаха во интервју за сараевско „Ослобоѓење“ потврди дека оваа опција сè уште важи бидејќи НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум, што би го загрозил мирот во Босна и Херцеговина.

„Сојузниците на НАТО цврсто го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Нашиот колективен фокус е токму на тоа и секогаш ќе биде нашиот фокус“, рече Мекгаха.

Таа додаде дека целиот Западен Балкан е регион од стратешко значење за НАТО и затоа е зајакнат воениот контингент што дејствува во Косово, што има ефект врз Босна и Херцеговина и другите земји од регионот.

Коментирајќи ја внатрешната ситуација во Босна и Херцеговина обележана со постојани политички тензии, Мекгаха рече дека НАТО очекува одговорно однесување од политичките лидери во Босна и Херцеговина, но во исто време внимателно следи што прават.

„Загрижени сме поради сецесионистичката и разделничка реторика, како и малигното надворешно влијание, вклучително и она од Русија, кое се заканува да ја загрози стабилноста и да ги блокира реформите. Ја повикуваме Русија да одигра конструктивна улога на Западен Балкан. За жал, редовно гледаме Русија го прави токму спротивното. Гледаме хакирање, дезинформации, заплашување и други дестабилизирачки активности. НАТО целосно го почитува сувереното право на секоја држава да избира свои политички и безбедносни аранжмани. Ја повикуваме Русија да го стори истото тоа. Тоа е фундаментален принцип на европската безбедност, на која сме посветени сите, вклучително и Русија“, рече Мекгаха.

Треба да знаете
Последни објави