Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров изјави дека Западот се обиде да ја стави Србија пред избор – или да се приклучи кон санкциите против Русија или, во спротивно, таму ќе се обидат да направат државен удар, јави дописникот на МИА од Белград.
-Во последниве години, на Вашингтон не му се допадна тоа што Украина е сосед на Русија и што се обидуваше да изгради нормални работни односи со својот сосед. Почнаа да ја вовлекуваат во ЕУ под слоганот „или со нас или со Русија“. Тоа „или-или“ никаде не исчезна. Видете ја Србија, сега истото им го кажуваат. Приклучете се на санкциите против Русија, дајте го Косово, признајте ја неговата независност и тогаш ќе ве прифатиме во ЕУ. А ако не, тие се обидоа да организираат државен удар, рече Лавров во интервју за Русија 24.
Шефот на руската дипломатија потсети како реагираа ЕУ и САД на последните избори во Србија.
-Тие ги обвинија српските власти дека за време на локалните избори имало дезинформации, дека ги поткупувале гласачите. Така говореа од Вашингтон кога започна кампањата за елиминирање на Трамп од изборите само затоа што тоа го сакаше владејачката елита. Тоа предизвика бран на незадоволство во САД, додаде Лавров.
Сепак, како што истакна, тоа на американската администрација ништо не им значи, дозволено им е се, ќе прават се што сакаат, а на другите ќе им диктираат. Во исто време, нагласи Лавров, многу земји го разбираат тоа и се повеќе земји и порачуваат на Москва „ние сме со вас“.