Бугарскиот премиер Николај Денков заедно со вицепремиерката Марија Габриел на заедничка прес-конференција соопштија дека од март ќе се укине граничната контрола за Бугарија по воздушен и морски пат, а ќе има дополнителни преговори за целосно пристапување на Бугарија во Шенген и укинување на копнените проверки. Не е одреден датум за прифаќање на копнените граници ниту со Романија, ниту со Австрија, ниту во разговорите со Европската комисија, изјави премиерот Николај Денков.
Тој ја демантираше информацијата во романските медиуми дека целосното пристапување на Бугарија и Романија во Шенген ќе биде од почетокот на 2025 година.
-Зборуваме за деликатен преговарачки процес кој не е завршен. Се надеваме дека тоа ќе биде направено во преостанатите денови до крајот на годината, изјави Марија Габриел.
Од говорите на Денков и Габриел се дозна дека тешкотии за целосно пристапување на Бугарија и Романија во Шенген создава Австрија, а прашањата со Холандија се решени.
-Народното собрание во последните месеци донесе голем број закони кои се чекаа со години и беа поврзани со очекувањата на Холандија и Европската комисија за воспоставување на владеење на правото во Бугарија, рече Денков во парламентот.