Политичките случувања во Македонија никогаш не биле здодевни па така беше и оваа 2023 година.
На меѓународен план, Македонија ја презеде претседавачката улога со ОБСЕ што беше своевиден најголем дипломатски успех.
На Годината започна со најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека јануари или февруари ќе се формира ново парламентарно мнозинство и дека во месец мај можно е да се органзиираат предвремени парламентарни избори.
Дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ навистина работеа на создавање на ново парламентарно мнозинството или сето тоа беше само блеф, остана непознато, но ниту во мај, а ниту подоцна не се формираше ново парламентарно мнозинство и не се распишаа предвремени избори.
Владејачкото мнозинство ги туркаше обврските за спроведување на уставните измени, седницата беше отворена, но и за брзо затворена и одложена на неодредено, односно се додека не се создадат услови за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство.
Во еден период, се случуваше „трка“ меѓу тоа дали попрво би се случиле предвремени избори или уставни измени, но на крајот, не се случи ништо.
Во меѓувреме, државата успешно го заврши скрининг процесот и е генерално подготвена за започнување на преговорите.
Нови политички субјекти
Како никогаш претходно 2023 година беше плодна за создавање на нови полиитчки субјекти.
Тоа особено е видливо во албанскиот политички блок, каде се формираа дури три нови партии – на Иџет Меџити од ДУИ, на некогашниот секретар на БЕСА Аријанит Хоџа и на Скендер Реџепи Зејд од АЛтернатива.
Во тој политички блок се создаде и опозициски фронт кој има за цел да ја детронизира ДУИ која веќе 20 години е на власт.
Но нови политички субјекти имаше и во македонскиот гласачки електрорат. По неколкумесечни најави, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ја промовираше својата партија За наша Македонија – ЗНАМ која повеќе од извесно е дека ќе настапи на парламентарните избори.
Дека ќе формира своја партија имаше најава и за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за којашто медиумите го октрија и името (Партија на правдата) и нејзиното седиште во скопската населба Ѓорче Петров, но до денес тоа се уште не се оствари.
Раскол во десницата, Груевски против Мицкоски
2023 година ќе се памети и по отворените препукувања во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Екс премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, преку Фејсбук статуси но и преку видео вклучување ги нападна Мицкоски и неговите соработници дека немаат капацитет да ја донесат ВМРО-ДПМНЕ на власт и дека со актуелното раководство, оваа партија може да постави рекорд во годините на опозициското дејствување.
На нападот, се приклучи и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски кој одамна има нарушени односи со Мицкоски а кавгата кулминираше пред некој ден кога Јакимовски ја обвини оваа партија дека се обидела да сокрие смрт на градежен работник во општина Центар, на објект што го гради фирма во сопственост на поранешен функционер на партијата, а сега, како што Јакимовски вели, ортак на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
Проблемите во Скопје се продлабочија
Град Скопје ниту во 2023 година не реализираше нов или наследен капитален проект.
Освен кружниот тек кај Момин поток и довршување на улицата Есенинова (проект што беа речиси завршени) немаше никаква реализација ниту на реконструкцијата на Универзаална сала, ниту мостот АСНОМ, ниту клучката кај Качанички пат…
Данела Арсовска остана да се двоуми дали ќе продолжи со БРТ, а во меѓувреме на Скопје му се случи колапс со јавниот превоз.
Граѓани постојано се жалат на непочитување на возниот ред, на преполни автобуси кои и често се расипуваат, а од Градот и од ЈСП постојано молчат.
Арсовска влезе во кавга и со ЈП Комунална хигиена, па во јули месец на градот му се закануваше и еколошка катастрофа, откако вработените од ова претпријатие штрајкуваа, а контејнерите останаа преполни затоа што немаше кој да го собира ѓубрето.
Се на се, 2023 година беше исто толку возбудлива на политички план, како и други изборни години.
Но се чини, дека следната 2024 година ќе биде со уште поголеми и поважни случувања, затоа што веќе кон крајот на јануари на должност стапува техничката влада, а набргу потоа и кампањите за претседателски, односно парламентарни избори.