На подрачјето на Секторите за внатрешни работи Битола, Велес, Штип и Охрид во текот на вчерашниот ден (27.12) беа реализирани превентивни активности како во рамки на кампањата „Петарди Не, безбедноста пред се” така и во делот на сообраќајната безбедност.
Притоа во средните училишта „Ѓорче Петров” и „ Орде Чопела” во Прилеп, потоа во средното општинско училиште „Цар Самоил” во Ресен , како и во „Св.Наум Охридски” во Македонски Брод на подрачјето на СВР Битола, како и средното општинско училиште „Добри Даскалов” во Кавадарци на подрачјето на СВР Велес беа одржани предавања за средношколците во рамки на кои полициските службеници и медицинските лица ги запознаа учениците со опасностите и последиците од незаконската употреба на петарди и други пиротехнички експлозивни средства и преку низа практични примери и искуства им беше укажано дека сите пиротехнички средства се опасни бидејќи содржат експлозив и можат да предизвикаат тешки и трајни повреди и последици по здравјето, а истовремено им беа и предочени и законските казнени мерки со кои може да се соочат околу недозволеното поседување и употребување на пиротехнички средства.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип, вчера во рамките на заедничкиот превентивен проект со рудникот „Саса”, во домот на културата во Македонска Каменица за учениците од основното општинско училиште „Свети Кирил и Методиј” од Македонска Каменица, спроведоа едукативно предавање од областа на сообраќајот, додека пак полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во рамки на проектот „Полицијата и граѓаните заедно” во соработка со РСБСП ги посетија Дневните центри за лица со посебни потреби на подрачјето на Охрид, и поделија подароци по повод Новогодишните празници.