Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одржа новогодишен брифинг со новинарите, на кој беа споделени резултатите од работата на Министерството за 2023 година.
Оваа година беше посветена на малите производители, постигнавме бројки од над 2500 регистрирани мали оператори со храна и пијалоци.
Годинава стартуваше новиот модел за субвенционирање со кој за прв пат во истата година авансно им ги исплаќа субвенциите на земјоделците. Модел кој насочува да се произведува она што е стратешки важно за државата и ги поттикнува земјоделците кон создавање на финален производ од своето земјоделско производство.
До крајот на годината следува реализациајта на 30% авансна исплата на субвенциите, 750 милиони денари ќе бидат исплатени на сметките на 40.000 земјоделци.
„Во текот на 2023 година, вкупната реализација на Програмата за директни плаќања достигнува 127 милиони евра. Потоа реализацијата на Програмата за рурален развој достигнува над 11 милиони евра. Реализациајта на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук достигнува близу 500.000 евра. Потоа реализацијата на Интервентниот фонд достигнува скоро 5 милиони евра. Додека вкупната исплата на средства од ИПАРД 2 програмата во 2023 година достигнува 13,3 милиони евра. Вкупно до сега исплатени се 157 милиони евра директно вбризгани во земјоделскиот сектор” изјави министерот Николовски.
2023 е година на нови успешни вински приказни и импозантна бројка од 255 винарски визби од кои 173 се мали семејни винарии.
Година на ИПАРД! Ние сме лидери во регионот.
Година на мали манифестации низ целата држава, 67 локални манифестации со наша поддршка. Година на саеми за промоција на македонските брендови низ цел свет, вклучувајќи го и нашиот саем „Вкуси ја традицијата”.Година во која поддржавме и најголем број на меѓународни саеми, успешно претставувајќи се на 16 реномирани меѓународни саеми, претставувајќи ги македонските производи.
Година на транспарентност! МЗШВ е на врвот на листата за транспарентност со 100 процентна исполнетост на условите, според резултатите од мониторингот спроведен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Година во која докажавме дека кога се има јасна цел и кога се работи посветено и визионерски, резултатите сами доаѓаат. Богатството на вкусови, оригиналните идеи и разноликоста на многу нови брендови, се вистинската слика за ентузијазмот со кој работевме цела година и создадовме многу нови успешни приказни.
На почетокот од оваа 2023 година дадовме збор пред земјоделците дека оваа 2023 година ќе биде година на нови можности во земјоделството. Денес кога ја заокружуваме годината и ги гледаме резултатите, можеме да кажеме дека нашиот збор пред земјоделците го исполнивме.
Преку програмата за рурален развој обезбедивме поддршка во набавка на педигриран добиток за земјоделците, како и набавка на механизација, а за прв пат ја реализиравме и новата мерка поддршка за бизнис план во земјоделството.
Зелената транзиција беше наш прв приоритет реализирајќи ја големата акција за пошумување каде засадуваме 1.200.000 дрвја.
Вложуваме во реконструкција и изградба на нови водоснабдителни ситеми обезбедувајќи наводнување до секоја земјоделска површина. Браната Конско е целосно изградена, важна капитална инвестиција на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вредна 40 милиони евра, што претставува и најголем капитален водостопански објект, во последните 50 години.
Во 2023 година започна изградбата на уште еден капитален проект, системот за наводнување Колибари – Црвивци. Исто така започна првата фаза за реконстукцијата на Хидромелиоративниот систем за наводнување “Дебарско Поле”, со реконструкција на пумпната станица. Обезбедивме и околу 60 милиони денари, средства за АД Водостопанство за реализација на проектот за Рехабилитација и модернизација на пумпна станица Марена.
Секоја педа обработлива земја пак ја ставаме на раполагање за обработка. Објавивме повеќе јавни огласи преку кои на располагање ставаме нови 6.406 хектари земјоделско земјиште низ целата држава, на располагање на земјоделците за обработка и производство на храна. Земја лидер сме и во процесот за консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште. Во месец ноември 2023 година бевме домаќини на висока делегација од Република Азербејџан, пред која како земја лидер го споделивме нашето искуство во успешно спроведување на процесот за консолидација на земјоделското земјиште.
Законодавството го усогласуваме со европското, донесени се нови европски закони за Советодавни услуги, Законот за зоотехника, Законот за рибарство и аквакултура, Законот за вино, Закон за дивеч и ловство. Подготвен и во владина постапка е новиот закон за органско производство, усогласен со европските регулативи, активно се работи и во подготовката на предлог законот за уредувањето на пазарите.
Оваа година поизитивни коментари и оценки доби македонското земјоделство во извештајот на Европската Комисија. Позитивни оценки од Европската Унија доаѓаат за реализиараното ортофото снимање, за спроведениот проект за школски шеми преку кои обезбедуваме здрав оброк за секое дете, добри оценки во секое поглавје на преговорите.